Најнеизвесната куп-битка во ракометната историја ќе се бие во - Охрид!

По двегодишна пауза завршницата на ракометниот Куп на Македонија повторно ќе се игра во Охрид, а ова ќе биде веројатно и најнеизвесната битка за титулата со оглед на квалитетот на екипите кој во овој момент е прилично изедначен.

Четирите најдобри екипи ќе се борат за престижниот трофеј на 31 мај и 1 јуни, откако Ракометната федерација на Македонија денеска го официјализираше домаќинот и терминот.

Првично, завршницата требаше да се игра овој викенд, но поради финалниот настап на Алкалоид во ЕХФ Европскиот куп, РФМ направи промена во календарот.

Изборот на Охрид како град-домаќин значи дека охриѓани ќе имаат шанса пред својата публика да се обидат да направат изненадување и да се вмешаат во битката за трофејот. Покрај домаќинот, во полуфиналето ќе настапат и актуелниот освојувач Алкалоид, како и Вардар и Пелистер.

Полуфиналните парови ќе бидат одредени преку ждрепка што ќе се одржи на 21 мај (среда).