Меѓусебниот скор со Данска ни е изедначен, ама ние сме подобри! (ВИДЕО)
Противник ни е Данска со која Македонија ќе го одигра четвртиот дуел во историјата, а прв во квалификации за Светско првенство. Од досегашните три, два се од европски квалификации, одиграни пред повеќе од три децении и еден пријателски, од пред 13 години.
Првата пресметка датира од 7 септември 1994 година кога Данска како актуелен европски шампион допатува во Скопје. Митко Стојковски ги шокира фаворизираните Данци уште во четвртата минута, долго време Македонија беше во водство и на прагот на историска победа, но во последните минути, по грешка на тогашниот голман, противникот израмни преку Флеминг Повлсен. Од тој меч, за одбележување е и црвениот картон на Дарко Панчев од почетокот на второто полувреме, на неговиот 30. роденден и во улога на капитен на репрезентацијата. Во истиот циклус, Данска победи на домашен терен, на 26 април 1995 година со 1-0, со голот на Петер Нилсен исто така во второто полувреме.
На третиот меѓусебен дуел се чекаше цели 18 години, до 6 февруари 2013 година. Тогаш, на Градскиот стадион во Скопје, Македонија ја прегази Данска со 3-0, со головите на Пандев, Ибраими и Новески, сите постигнати од седмата до 24. минута. Интересно е тоа што тројцата стрелци од тој меч сега се функционери во Фудбалската федерација на Македонија.
Значи, на трите пресметки меѓу Македонија и Данска, билансот е израмнет, по една победа, пораз и нерешен резултат, но нашата репрезентација има подобра гол разлика, 4-2.