Македонија нема што да загуби во Копенхаген - сонуваме да биде исто како во Палермо!

Македонската фудбалска репрезентација вечерва го игра еден од најважните натпревари во својата историја. На стадионот „Паркен“ во Копенхаген, со почеток од 20:45 часот, ќе се соочиме со Данска во полуфиналето од баражот за пласман на Светското првенство.

Пред Македонија се исправени уште две пречки до мундијалскиот сон, првата e Данска, а ако се израдуваме вечерва во Копенхаген ќе играме финале против Чешка или Република Ирска. По дебаклот во Кардиф против Велс, Македонија сврте нов лист. На клупата седна нов селектор – Гоце Седлоски, со јасна задача: да го извлече максимумот од оваа генерација во најважниот момент.

Седлоски не правеше драстични резови. Го задржа костурот на тимот, повика тројца дебитанти – Фетаи, Мусовски и Херера, а во составот ги врати Николов, Дориев и Бејтулаи. Единственото позначајно отсуство е Алиоски, кој поради повреда остана во Лугано. Засега останува дилема во каква формација ќе истрча Македонија и кои ќе бидат стартните 11 на почетокот од селекторската ера на Седлоски. Но, кои и да истрчаат на теренот ќе го дадат максимумот за националниот дрес.

Данците пред овој меч се соочуваат со многу посериозни проблеми, отсутна е целата дефанзива. Селекторот Брајан Рајмер ги нема на располагање првите двајца голмани, Шмајхел и Јоргенсен, не може да смета ниту на тројцата главни одбрамбени фудбалери, Андреас Кристенсен од Барселона, Патрик Доргу од Манчестер Јунајтед и Јоаким Андерсен од Фулам. Сепак, противникот располага со врвен квалитет во нападот и средниот ред – Ериксен, Хојлунд, Исаксен, Дамсгард, Хојбјерг, Норгард...

„Данска има одлични играчи, но сè зависи од тоа како ќе се поставиме на теренот. Сите нè отпишаа, тие се фаворити на хартија, но ние знаеме да играме против силни селекции. Во фудбалот се случуваат чуда – нека се случи и сега“, изјави Седлоски на вчерашната прес-конференција.

Македонија и Данска досега имаат одиграно три меѓусебни дуели. Скорот е изедначен, но ние имаме дадено повеќе голови. Далечната 1994 токму против Данска ги почнавме нашите први квалификации, во Скопје одигравме 1-1, една година подоцна со 0-1 загубивме на гостински терен. Третиот меч го одигравме во 2013 година кога во пријателски натпревар на нашиот стадион ги победивме со убедливи 3-0.

Ова е втор бараж за Македонија за пласман на Светско првенство, вкупно трет во нашата историја. Пред четири години во Палермо ја шокиравме Италија – победа што одекна низ целиот фудбалски свет. Време е за ново чудо, овојпат во Копенхаген.