Канаваро пред одлука: По отказот во Динамо добил две понуди

Италијанскиот стратег Фабио Канаваро кој не се задржа долго на клупата на Динамо Загреб по отказот во хрватскиот гигант веќе добил две понуди за продолжување на кариерата.

Според информациите на италијанскиот експерт за трансфер пазарот, Фабрицио Романо, Канаваро пред себе има понуди од два големи клуба од Мексико кои се натпреваруваат во најсилната лига во оваа земја. Засега имињата на клубовите не се откриваат, но се истакнува дека ова може да биде интересен предизвик и ново искуство за поранешниот освојувач на „Златната топка“.

Канаваро ја напушти клупата на Динамо откако доживеа тежок пораз од 3-0 на гостувањето кај Истра во 28. коло од првенство. 

Во своите 14 натпревари на чело на Динамо, Канаваро оствари седум победи и пет порази. Беше донесен како замена со јасна цел да го анулира заостанувањето зад Хајдук и Риека, но не се покажа како вистинско решение.

По неговото заминување, Динамо започна да игра подобро и да ги користи лошите резултати на ривалите и во финишот од сезоната сега повторно е во игра за титулата.

Фото: GNK Dinamo Zagreb/X