
Елмас се врати на „Марадона“: Не знам дали ќе играм за Торино, Лајпциг или за некој трет!
„Тука освоив Скудето и Купот на Италија. Убаво е повторно да се биде во Неапол“, изјави тој.
Во однос на споредбите помеѓу сегашниот Наполи и тимот со кој тој ја освои титулата, Елмас потенцира.
„Има нешто слично и тука има одлични играчи и тренери. Сè уште има четири натпревари до крајот, ќе видиме што ќе се случи“, скромен е Македонецот.
За својата форма во Торино, македонскиот интернационалец оцени дека има добар почеток.
„Секако, можам уште подобро. По една година отсуство од Италија, не беше лесно да се вратам, но мислам дека досега направив добра работа“, дополни Елмас.
Кога станува збор за иднината, нашиот интернационалец вели дека сè уште нема конкретни информации.
„Се трудам секогаш да давам максимум. Одиме натпревар по натпревар, а за останатото одлучуваат претседателите на Торино и Лајпциг“, објаснува Елмас.
На прашањето дали би останал во Торино доколку самиот одлучуваше за својата иднина, Елмас одговори.
„Многу ми е убаво овде, имаме квалитетни играчи и силен тренер. Сепак, рано е да зборувам за тоа“, објаснува репрезентативецот на Македонија.
Елмас откри дека постоела можност за враќање во Наполи.
„Имаше нешто, но агентите разговараа. Јас не ги знам детали. Како навивач на Наполи, им посакувам да ја освојат титулата, но сè уште е рано“.
Запрашан за Антонио Конте, македонскиот фудбалер изјави.
„Конте ми се допаѓа. Тој е квалитетен тренер кој освојувал трофеи насекаде“.
Елмас на крајот зборуваше и за заминувањето на Лучијано Спалети од Наполи.
„Беше тешко и за него. По 33 години успеаја да освојат титула, но не можам да дадам конкретен одговор зошто си замина“, заврши Македонецот.
ФОТО: X / @TorinoFC_1906