Рајковиќ: Имав понуди од Кина, но чекав посилни клубови, а му бев потребен и на семејството!

Еден од најдобрите македонски кошаркарски тренери Емил Рајковиќ една година е без работа, откако си замина од ЦСКА Москва, а во интервју за руските медиуми откри какви се неговите планови за иднината.

Пред да се раздели со ЦСКА Москва се појавија шпекулации дека за услугите на Рајковиќ се заинтересирани од Азија и му нудат висока плата.

„Имаше интерес за мене, но не од национален тим, туку од Кина. Имав пет-шест добри понуди, но ги одбив затоа што чекав посилни клубови. Исто така му бев потребен и на моето семејство“, открива Рајковиќ.

Македонскиот стратег откри дека времето го искористил за да одмори по долги години поминати со работа.

„Ја искористив оваа сезона да одморам за првпат по 17 години. Имав време да размислувам за моите грешки и да гледам кошарка. Милсма дека по оваа година без работа, ќе бидам уште погладен за победи“, додаде тренерот.

Рајковиќ досега во кариерата работеше за ЦСКА Москва, Автодор, Астана, Работнички, Фени Индустри и други екипи.