Поранешни вардарки формираа нов клуб - ЖРК Атлетик!

На македонската ракометна сцена настана нов женски ракометен клуб, ЖРК Атлетик, во кој се вклучени неколку поранешени ракометарки на Вардар меѓу кои и Русинките Ина Суслина и Татјана Хмирова.

Се работи за амбициозен проект кој треба да има значајна улога во развојот на женскиот ракомет. Претседател е Горан Стојков, а функции имаат Ана Стојков, Ина Суслина, Татјана Хмирова, Тања Андреева...

„Би сакале да ве информираме дека формиравме женски ракометен клуб под името ЖРК Атлетик, кој има за цел да игра водечка улога во развојот на младите талентирани ракометарки во Македонија. Преку соодветни и правилни тренинзи, модерни методи и однапред дефинирана програма на функционирање, клубот се стреми да биде расадник на голем број идни репрезентативки на нашата држава. Со вклучување на млади и амбициозни поранешни репрезентативци, а сегашни ракометни работници, ќе создадеме здрава средина на вистински спортски вредности, без фаворизација, со еднаква можност за докажување на теренот и надвор од него“, стои во соопштението на ЖРК Атлетик.

За извршен директор е назначена Ана Стојков која е поранешна ракометарка на Вардар и која долго време работеше во раководните структури на црвено-црните.

„Со големо задоволство ви го најавуваме проектот кој го смисливме со многу голема љубов и желба, проект за кој веруваме дека ќе биде нешто посебно во женскиот ракомет, клуб на кој сите ќе бидеме горди. Стекнатото искуството во Европскиот женски ракомет преку најелитното натпреварување во Европа, ЕХФ лигата на шампиони во годините наназад заедно со нашиот стручен тим на клубот ќе ни овозможи полесно да ги оствариме зацртаните цели со исклучиво наши Македонски играчи. Целта е јасна, преку сите овозможени услови за работа да се создадат врвни ракометарки со кои достоинствено ќе ја претставуваме Македонија на Европска сцена", вели Ана Стојков.

Главен тренер на тимот ќе биде поранешната ракометарка на Вардар, Русинката Татјана Хмирова.

„Пресреќна сум што сум дел од овој прекрасен нов проект ЖРК Атлетик, клуб со позитивна и перспективна иднина и прекрасни луѓе. Мислам дека имаме одличен тренерски колектив со свежи идеи и мисли, подготвен да даде 200% од себе. Нè очекува многу работа, со нетрпение го очекувам почетокот на сезоната", вели Хмирова.

Вака изгледа структурата на новиот женски клуб, ЖРК Атлетик:

ПРЕТСЕДАТЕЛ Горан Стојков,  

ПОТПРЕТСЕДАТЕЛ Дејан Блажески,

ИЗВРШЕН ДИРЕКТОР Ана Стојков,

СПОРТСКИ ДИРЕКТОР Инна Суслина,

ОПЕРАТИВЕН МЕНАЏЕР Михаела Митреска,

ГЛАВЕН ТРЕНЕР Татјана Хмирова,

АСИСТЕНТ ТРЕНЕР Ивана Велковска,

ТРЕНЕР НА ГОЛМАНИ Тања Андрејева,

КОНДИЦИОНЕН ТРЕНЕР Дејан Пецаковски,

ФИТНЕС ТРЕНЕР Марија Дурљанова,  

ФИЗИОТЕРАПЕВТ Нина Димковска,

СПОРТСКИ ПСИХОЛОГ Кирил Насков.