Дуплантис по 11-ти пат постави светскиот рекорд и - си го наполни џебот (ВИДЕО)

Шведскиот атлетичар Арманд Дуплантис го собори светскиот рекорд во скок со стап и тоа по 11-ти пат во својата кариера.

Тој на атлетскиот митинг во Клермон-Феран (Франција) прескокна 6,27 метри, поставувајќи нова граница во оваа дисциплина. Ова е четврти пат во последната година како го подобрува рекордот, откако претходно, во полскиот Хожов, го постави на 6,26 метри. По успехот, Дуплантис ја прослави победата во прегратка на својата сопруга, додека навивачите во салата го славеа историскиот момент.

Шведскиот атлетичар го започна својот рекорден поход во 2020 година во Торуњ (6,17 м) и оттогаш редовно ги поместува границите. Тврдењата на многумина се дека тој има потенцијал да го помине магичниот праг од 6,40 метри во скок со стап, но стратегијата што ја применува му носи не само спортски, туку и финансиски успех. Според правилникот на Светската атлетска федерација, усвоен во 2005 година, секое урнато светско рекордно постигнување се наградува со 100.000 долари. Оваа одлука дополнително го мотивира Дуплантис да ги подобрува висините постепено, наместо одеднаш да скокне до своите максимални можности. Со оглед на тоа дека досега 11 пати го урнал светскиот рекорд, наследникот на Сергеј Бубка од овие награди веќе заработил вкупно 1,1 милион долари.

Дуплантис е двократен олимписки и светски шампион, трикратен европски првак, а има и бројни победи на митинзи од Дијамантската лига.