Кожув го растури Гостивар и ќе се бори за трофејот во Купот

Домаќинот на 33. издание од Купот на Македонија, Кожув без поголеми проблеми ја мина и втората пречка и утре ќе му спротивстави на МЗТ Скопје во финалето од ова натпреварување.

Во вечерашното полуфинале, гевгеличани го прегазија Гостивар со 91-72 и вторпат во историјата ќе играат во мечот за трофејот од Купот. Со двете убедливи победи на овој турнир, синоќа против МКК Куманово и вечерва против Гостивар, Кожув покажа дека не е без шанси и покрај фаворитската улога на МЗТ Скопје.

Вечерва победникот беше одлучен во втората четвртина која Кожув ја доби со 27-6 и на голем одмор замина со предност од дури 24 разлика. Поради тоа, второто полувреме помина во полесен ритам, а најмногу што успеаја да направат гостиварци е да намалат на 14 разлика кон средината на последниот период.

Андрија Стевановиќ повторно беше лидер на Кожув и постигна 34 поена, со 7 скока. Митевски со по 15 поени го предводеше Гостивар кој ги надмина очекувањата со самиот пласман во полуфиналето бидејќи на турнирот влезе како осми носител.