Комо сака да се бори со најсилните - во јануари дал понуда од 50 милиони евра за ѕвезда на Милан

Раководството на Комо планира да го вивне клубот во врвот на италијанскиот фудбал од идната сезона за што подготовките почнале уште во јануарскиот преоден рок.

Газета дело спорт објави дека Комо минатиот месец испратил понуда до Милан за капитенот на овој тим Тео Ернандез, во висина од 50 милиони евра. Договорот на Французинот истекува во јуни 2026 година, а преговорите за продолжување на соработката не одат според планираното, па Милан ја прифатил понудата за трансфер.

Сепак, Ернандез не сакал да се пресели во Комо поради желбата да продолжи да игра во Лигата на шампионите, но и да се бори за врвот во Серија А. Ова бил само прв потег на индонезиските сопственици на Комо, претставувани од претседателот Мирван Суварсо кои подготвуваат големи финансиски средства за јуни и ќе се обидат да направат екипа што ќе се бори за трофеите во италијанскиот фудбал.