Зверев ја воспитуваше публиката по повредата на Новак: Не смеете да исвиркувате повреден играч!

Новак Ѓоковиќ не успеа да се пласира во финалето на Австралија опен откако по еден сет го предаде мечот со Александер Зверев, на изненадување на многумина публиката го исвирка српскиот тенисер кога тој го напушташе теренот.

Навивачите кои платиле скапи билети, немаа разбирање за повредата на Ѓоковиќ, нив им беше жал што не гледаа долг меч, а немаа никаква емпатија за српскиот тенисер.

Потоа за нив стигна воспитна лекција од Александер Зверев кој им рече дека никогаш не смеат да исвиркуваат тенисер кој се повредил.

„Не смеете да исвиркувате играч кој излегува од теренот поради повреда. Јасно ми е дека сте платиле билети, но мора да го разберете Новак, тој никогаш не би предал меч ако повредата не е сериозна. Ѓоковиќ е тенисер кој му дал се на овој спорт во последните 20 години. Го има освојувано овој турнир и со повреди, скинати мускули, болки во стомакот. Мора да покажете почит и љубов кон него“, се обрати Зверев кон публиката.

„Искрено, нема човек на АТП турнејата кого го почитувам повеќе од Ѓоковиќ. Секогаш кога имам проблем можам нему да му пратам порака. И јас сакав овој меч да трае пет часа. Немам ништо освен огромна почит за него“.