Медведев предложи промена на календарот со турнири

Тенисерите сè почесто се жалат за тоа дека сезоната е многу долга, а Русинот Данил Медведев предложи промена на календарот на турнири.

Познато е дека АТП донесе одлука од следната сезона седум од девет мастерс турнири да се играат по 12 дена, а тоа предизвика голем број критики.

Медведев има посебен предлог како треба да изгледа календарот. Тој смета дека распоредот треба да биде базиран на гренслемови и мастерси, а турнирите од АТП-250 да се поместат за крајот на годината.

„Оваа година се обидов да играм само на големи турнири. Мислам дека имав потреба од повеќе големи и важни турнири за да кажам дека ова се натпреварувања кои дефинираат кој ќе биде во топ-10. Ако играте добро на нив, ќе бидете тука. Календарот треба да се создаде според нив“, кажа Медведев.