МЗТ почна лошо, па се налути и – со „стотка“ го прегази Вардар!

Кошаркарите на МЗТ Скопје лесно и убедливо славеа во денешната пресметка на гостински терен против Вардар (110-79) на отворањето на седмата рунда од Првата лига, со што дојдоа до петтата победа.

Аеродромци не почнаа како се надеваа, со оглед што наидоа на расположени кошаркари во црвено-црно, кои 15-тина минути си поигруваа со нервите на фаворитот. Домаќинот шутираше фантастично, постигна седум тројки во овој период што им носеше константна предност со највисоки плус пет и тоа во неколку наврати. Сино-белите дури тогаш сфатија дека мора да играат поангажирано, па до крајот на полувремето и на стартот од третиот период направија серија 26-3 (63-42) за поставување на работите на свое место. До крајот тоа беше само рутинско одработување на задачата од страна на актуелниот првак.

Тимската игра беше главен адут на „металците“, за што најдобар доказ е двоцифрениот поентерски учинок на дури шестмина кошаркар. Најубедлив беше Андреј Андоновски со 19 поени со едно промашување од поле (9/10) и пет скока, Дамјан Стојановски постигна 16 поени, Брендон Слај застана на 11 поени, додека Бојан Крстевски, Дион Едвин и Марко Баковиќ реализираа по 10 поени. Капитенот Хусеин Бајрам со 20 поени беше најдобар кај Вардар.

Останатите средби од седмата рунда се играа в сабота и недела.