Вардар против Беса ќе бара излез од кризата, Работнички го пречекува Гостивар на „Градски“

Денеска се игра 10. коло од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), а најтрофејниот клуб Вардар оди на незгодно гостување кај Беса, додека дуелот меѓу непоразените Работнички и Гостивар се игра во Скопје на Националната арена „Тодор Проески“.

Вардар е во голема резултатска криза со три порази по ред, и тоа од Силекс (0-1), Шкендија (0-4) и Струга (1-4), додека Беса на последните три натпревари осови дури пет бодови со што избега од зоната за испаѓање.

Во скопскиот гигант се најавени подобри денови, а на такво нешто се надева и еден од најважните фудбалери на тимот Горан Закариќ кој кажа дека мора да го дадат максимумот за црвено-црниот дрес.

Работнички има одличен старт на сезоната, па заслужено се искачи на врвот на ПМФЛ со 19 бодови, односно пет победи и четири ремија, но денеска ќе има тежок дуел против Гостивар кој е на третата позиција со 17 бодови од четири победи и пет ремија.

Дуелот меѓу непоразените се игра на Националната арена „Тодор Проески“, каде што се очекува од екипите да дадат сè од себе за да го задржат одличниот биланс и по 10 одиграни кола во Првата лига.

Табела (бодови):

Работнички (19), Шкендија (18), Гостивар (17), Струга (15), Силекс (14), Шкупи (12), Брера Струмица (11), Пелистер (10), Беса (9), Тиквеш (7), Вардар (7) и Воска Спорт (5).

10. коло - ПМФЛ (14 часот):

Брера Струмица - Воска
Беса – Вардар
Пелистер – Шкупи
Работнички – Гостивар
Струга – Силекс
Тиквеш - Шкендија