Пелистер со 18 поени по ред дури пред крајот го скрши отпорот на дебитантот!

Кошаркарите на Пелистер дојдоа до третата победа по ред во новиот домашен шампионат, откако вечерва, на домашен терен на потежок начин од очекуваното, го совладаа тимот на МКК Куманово (88-74).

Дебитантот пружи силен отпор и беше рамноправен речиси три четвртини, но на крајот снемаше сили и потклекна пред „подолгата“ клупа на битолчани. Клучна за триумфот на вицешампионот беше серијата 18-0 на крајот од третата и почетокот од последната четвртина, со која негативата од 62-66 беше претворена во убедлива двоцифрена предност. Во првото полувреме се играше без одбрани, за што доказ е речиси троцифрениот број постигнати поени (50-47), но потоа нападот на гостите сопре што на составот од Битола му овозможи да дојде до посакуваните бодови.

Пелистер до триумфот дојде буквално со петмина расположени кошаркари, од кои најефикасен беше Мајкл Едвардс со 19 поени и 10 скока, додека зад него беа Никола Мишковиќ со 18 поени (четири тројки), Лука Стојановски со 15 поени (пет тројки), Александар Костоски со 14 поени и Брајан Антоан со 14 поени. Александар Радукиќ со 20 поени беше најпрецизен кај кумановци, додека Урош Луковиќ заврши со 19 поени и 12 скока.

Ова беше последен меч од третата рунда во која претходно МЗТ Скопје беше подобар од Работнички, Чаир 2030 го доби „албанското дерби“ против Шкупи, Тиквеш го совлада Гостивар, ТФТ ја доби драмата со Кожув, а Феникс немаше мака на гостувањето кај Вардар.

ТАБЕЛА: Чаир 2030 3-0, Пелистер 3-0, ТФТ 3-0, МЗТ 2-1, Работнички 2-1, Гостивар 1-2, Кожув 1-2, Тиквеш 1-2, МКК Куманово 1-2, Феникс 1-2, Вардар 0-3, Шкупи 0-3.