Локалното момче го остави Ливерпул на чело на табелата (ВИДЕО)

Екипата на Ливерпул е победник во дербито на колото во Премиер лигата, против Челси што е четврти триумф во низа за тимот од Енфилд.

Ливерпул славеше со 2-1 и остана на чело на табелата со бод повеќе во однос на Манчестер Сити, а пред дербито против Арсенал кој е на програмата идниот викенд. Херој беше локалното момче Куртис Џонс кој во првото полувреме изнуди пенал, а потоа го постигна победничкиот гол за Ливерпул.

Пеналот го изнуди во 29. минута по што од белата точка погоди Салах, а откако претходно Ливерпул уште во две ситуации бараше удар од белата точка. По само три минути игра во вториот дел, Николас Џексон израмни по одличната асистенција на Каиседо при што напаѓачот на Челси за милиметри избегна офсајд. Сепак, односот на силите беше израмнет само три минути бидејќи Куртис Џонс повторно го врати во водство домашниот тим и со тоа го постави конечниот резултат.

Челси пропушти можност да го задржи чекорот со водечките и остана на 14 бода, но поради победата на Брајтон, падна на шестата позиција на табелата.