Комити отворија „Народен фронт“ против тие што мислат дека се над Вардар!

Членовите на Комити, најверните навивачи на најтрофејниот фудбалски колектив кај нас Вардар, вечерва со соопштенија најавија отворање „Народен фронт“ за клубот кој е во криза што најдобро се гледа со четирите порази по ред и претпоследното место на табелата по 10 рунди од Првата лига.

Тие повикаа обединување на сите генерации на трибините на мечот против Тиквеш закажан за в среда на арената „Тодор Проески“ и тоа против тие што мислам дека се над Вардар.

„Свесни за одговорноста и ситуацијата во која се наоѓа клубот, а водени исклучиво од најискрените идеали, го отвораме НАРОДНИОТ ФРОНТ - ЗА ВАРДАР! Во среда на западната трибина ќе се обединат сите генерации, рамо до рамо ќе застанат сите екипи - секој член, сите оние кои размислуваат поинаку! Не е важно дали си млад или стар, дали си навивач или симпатизер, во среда сме СИТЕ НА ЗАПАД-СИТЕ ЗАЕДНО! Нашиот став да го искажеме заеднички, пред полна западна трибина, директно во очи на оние кои мислат дека се над клубот. Не се и никогаш нема да бидат. Вардар е клуб на народот, бил и ќе остане! Во име на сите битки за клубот, во име на традицијата и емоцијата – БОРБА“, велат членовите на Комити.