Барди: Нека биде како пред пет години
Барди беше дел од претходниот дуел на Македонија против Летонија во септември 2019 година, во квалификациите за Европското првенство, па дури и постигна гол во победата од 2-0 во Рига. Тогаш целата работа беше завршена во период од само три минути и нашата репрезентација оствари една од двете победи на гостински терен во тој циклус.
„Како и секогаш, одговорноста е кај секој од нас. Јас ќе го дадам својот максимум, па дај Боже да биде како пред пет години. Помина грипот, добро се чувствувам и максимално сум подготвен за настап. Кога играте под притисок за докажување, секогаш вадите од себе максимален квалитет. Притисокот треба секогаш да го чувствуваме и треба да најдеме начин да го дадеме најдоброто од себе“, рече Барди на денешната прес-конференција.
За разлика од тие натпревари, фудбалерот на Трабзон утре како капитен ќе ја предводи репрезентацијата и ќе се обиде да ѝ донесе значајана победа во борбата за првото место на табелата. Во моментов тој е најдобар стрелец на Македонија во Лигата на нации и постигна два од вкупно трите гола на нашиот национален тим.