Барди: Нека биде како пред пет години

Капитенот на македонската репрезентација Енис Барди го дели оптимизмот на селекторот Благоја Милевски во пресрет на утрешниот меч против Летонија во третото коло од Лигата на нации.

Барди беше дел од претходниот дуел на Македонија против Летонија во септември 2019 година, во квалификациите за Европското првенство, па дури и постигна гол во победата од 2-0 во Рига. Тогаш целата работа беше завршена во период од само три минути и нашата репрезентација оствари една од двете победи на гостински терен во тој циклус.

„Како и секогаш, одговорноста е кај секој од нас. Јас ќе го дадам својот максимум, па дај Боже да биде како пред пет години. Помина грипот, добро се чувствувам и максимално сум подготвен за настап. Кога играте под притисок за докажување, секогаш вадите од себе максимален квалитет. Притисокот треба секогаш да го чувствуваме и треба да најдеме начин да го дадеме најдоброто од себе“, рече Барди на денешната прес-конференција.

За разлика од тие натпревари, фудбалерот на Трабзон утре како капитен ќе ја предводи репрезентацијата и ќе се обиде да ѝ донесе значајана победа во борбата за првото место на табелата. Во моментов тој е најдобар стрелец на Македонија во Лигата на нации и постигна два од вкупно трите гола на нашиот национален тим.