Милевски од Рига: Повторувам, Македонија ќе се прашува за првото место!

Македонската фудбалска репрезентација утре ги продолжува своите настапи во Лигата на нации, со дуелот против Летонија во Рига.

Нашиот национален тим влегува како фаворит во овој меч и тоа го потенцира селекторот Благоја Милевски на денешната прес-конференција.

„Максимално ја респектираме Летонија, но концентрацијата е на нашата игра и тоа како ќе изгледаме на терен. Уште еднаш потенцирам дека Македонија ќе се прашува за првото место во групата. Ќе ни недостасуваат Зајков и Серафимов, кои имаат картони, но и Чурлинов и Трајковски, кои се повредени. Сепак, сите кои се во комбинација за настап ќе одговорат на предизвикот и на тоа што се очекува од нив.

Има повеќе опции за стартниот тим, верувам дека сите останати ќе бидат здрави и ќе се стават во функција на тимот. Пред почетокот на натпреварот ќе одлучам со кои играчи ќе настапиме“, рече Милевски.

Вечерва од 18 часот нашата репрезентација ќе го одржи последниот тренинг пред утрешниот меч кој се игра во истиот термин.