Гофан го елиминира Зверев, Ѓоковиќ има отворен пат до финалето во Шангај

Вториот носител Александер Зверев го заврши својот пат на Мастерсот во Шангај откако попладнево доживеа сензационален пораз од Давид Гофан со 0-2 (4-6, 5-7).

Белгиецот имаше светли моменти низ кариерата, но во моментов е на 66. место на АТП листата поради што денешниот триумф се смета за големо изненадување. Мечот траеше речиси два часа, а Зверев во ниеден момент не успеа да го најде својот ритам и заслужено загуби.

На неговиот пораз најмногу се израдува Новак Ѓоковиќ кој сега има отворен пат до финалето во Шангај. Во четвртфиналето, Србинот ќе се сретне со 65. светски рекет Јакуб Меншик, а во полуфиналето го очекува подобриот од дуелот со Гофан и Фриц. Во досегашниот дел од турнирот, Ѓоковиќ не играше со подобро плаасиран тенисер од Коболи кој се наоѓа на 30. место на АТП листата.

На другата страна од ждрепката се првиот, третиот и петтиот тенисер во светот, Јаник Синер, Карлос Алкараз и Данил Медведев. Во утрешното четвртфинале, Синер ќе се сретне со Медведев, а Алкараз со Махач од Чешка. За Шпанецот може да се каже дека имаше исто среќа колку и Ѓоковиќ бидејќи најдобро пласираниот со кого се сретнал на овој турнир ќе биде токму Махач, 33. на АТП листата, но негов потенцијален ривал во полуфиналето е првиот светски рекет Јаник Синер.