Работнички против Сутјеска ќе го означи враќањето во АБА 2

Најтрофејниот македонски клуб Работнички денеска ќе ја почне новата сезона во која повторно ќе се натпреварува на три фронта.

Покрај домашните натпреварувања, тимот од Градски парк ќе учествува и во АБА 2 лигата каде се враќа првпат по 2021 година. Прв противник ќе му биде црногорскиот прволигаш Сутјеска, а во групата се уште и најголемиот фаворит за титулата Војводина и амбициозната Босна. Пласман во следната фаза обезбедуваат првопласираните две екипи од секоја група.

Во текот на летото Работнички направи драстични промени во ростерот, ги смени сите странци, како и добар дел од домашните играчи, а останаа само капитенот Ефремовски, потоа Ѓуроски и Шошкиќ. Остана и тренерот Горан Самарџиев кој вечерва ќе дебитира на меѓународна сцена. 

Интересно е тоа што на клупата на Сутјеска е поранешниот селектор на македонската репрезентација Драган Бајиќ, а во составот е и екс-играчот на МЗТ Скопје, Радослав Спасојевиќ. Во оваа групата веќе се одигра првиот натпревар во кој Војводина како домаќин ја победи Босна со 77-68.