Клоф доби наследник: Плејмејкер од САД ќе ја организира играта на МЗТ Скопје!

Ерик Гарсија (22 год., 183 см.), доскорешниот член на универзитетот Вофорд од американската НЦАА-лига е нов кошаркар на МЗТ Скопје Аеродром, откако денеска официјално потпишал договор со шесткратниот македонски шампион.

Станува збор за плејмејкер, кој би требало да има улогата на организатор на играта на сино-белите во следната сезона, каде што би го наследил одличниот Шарлон Клоф, кој неодамна замина во шпанска Мурсија. За Гарсија ова ќе биде прво искуство во европската кошарка по четиригодишен настап за Вотфорд за кој одигра 128 натпревари од кои на дури 119 беше во улога на стартер. Во НЦАА-кариерата имаше просек од 9,8 поени, 4,2 асистенции и 2,3 скока, а убедливи беше најдобар во последната година на универзитетот кога на 33 средби просечно реализираше 14 поени, 6,8 асистенции и 2,8 скока.

Претходно, во таборот на аеродромци дојдоа Дамјан Стојановски, Бобан Стајиќ како и младите и талентирани Михајло Митев и Ранко Мамузиќ додека договорна обврска од минатата сезона имаат Марко Симоновски, Адем Мекиќ и Ксавиер Темс. МЗТ Скопје Аеродром во новата сезона ќе биде предводен и од нов тренер, функција која ќе ја извршува повратникот Александар Тодоров.