Во Рубин им дојде памет - ќе го казнат фудбалерот што ги навредуваше Македонците
Даку, кој е член на албанскиот национален тим, жестоко ги навреди Македонците и Србите по натпреварот против Хрватска за што санкции побараа и од ФФМ и ФСС.
„Мирлинд Даку испрати навреди по натпреварот од ЕУРО меѓу Албанија и Хрватска. Нашиот клуб ја презема одговорноста за она што се случи, Рубин е мултинационален тим и секогаш се придржувал до принципите на респект и еднаквост, категорично отфрлајќи каква било дискриминација или навреди на национална, религиска или расна основа. По враќањето од репрезентативните обврски, Рубин ќе донесе дисциплински и финансиски санкции за нашиот фудбалер. Освен тоа, ќе имаме разговор со цел вакви инциденти да се избегнат во иднина“, пишува во соопштението од Рубин.
Даку е член на Рубин од лани кога дојде од тимот на Осијек. На 28 натпревари минатата сезона, постигна 10 гола. Игра за албанската репрезентација, но е роден во Гњилане и претходно забележал пет настапи за Косово.