УЕФА го објасни пеналот кој го доби Германија против Данска

Германија ја победи Данска со 2:0 во осминафиналето на Европското првенство, а по овој натпревар предмет на коментирање е и судењето на англискиот арбитар, Мајкл Оливер.

Англискиот судија во 53. минута досуди пенал од кој Германија го постигна првиот гол на натпреварот. Нафрлувањето на Давид Раум го погоди во прстот Јоаким Андерсен. Судијата на теренот остави играта да продолжи, но по интервенција од ВАР ја погледна ситуацијата и досуди пенал кој во гол го претвори Каи Хаверц.

Ваквата судиска одлука предизвика разочарување кај Данците. Андерсен категорично тврди дека таа ситуација не е пенал бидејќи топката го погодила во прстот од непосредна близина и порача дека фудбалот не може да се игра така што ќе трчаш со рацете зад грб. Одлуката сепак е таква каква што е донесена и најлоша за Данска.

УЕФА по натпреварот даде и објаснување за оваа ситуација.

„Во текот на натпреварот помеѓу Германија и Данска технологијата која се наоѓа во официјалната топка за Европското првенство покажа дека данскиот дефанзивец, Јоаким Андерсен играше со рака во казнетиот простор. Сензорот во топката забележа допир на раката на играчот со површината на топката. „Отчукувањето на срцето“ на топката беше прикажано на телевизискиот пренос, истиот кој судијата го виде при проверката на ситуацијата на теренот. Снимката покажува дека допирот на раката и топката траел точно 500-ти дел од секундата“, објасни УЕФА.