Франција повторно победи со автогол и обезбеди четвртфинале (ВИДЕО)

Репрезентацијата на Франција се пласираше во четвртфиналето откако денеска славеше против Белгија со минимални 1:0.

Двете репрезентации започнаа претпазливо и во првиот дел скоро и да не видовме некоја посериозна прилика. Французите ја имаа иницијативата, меѓутоа изостануваа оние 100% прилики за гол.

Белгија беше повлечена на својата половина и чекаше шанса од контра. Второто полувреме донесе подинамична игра, Франција одново повеќе напаѓаше, Белгија повторно имаше помалку напади, но од тие што ги имаше некои беа и тоа како опасни.

Моментот на одлука се случи во 85. минута кога трагичарот од Мундијалот во Катар, Коло Муани се најде во шеснаесетникот шутираше од свртување, а топката од Вертонген заврши во мрежата.

Франција така до втората победа на шампионатот стигна повторно со автогол откако во првото коло од групната фаза на сличен начин ја победија и Австрија. Во ремито против Полска Мбапе погоди од пенал.

Во четвртфиналето Франција ќе игра против подобриот од натпреварот помеѓу Португалија и Словенија кој се игра вечерва.