„Да бев на местото на Пикси веднаш ќе го избркав Тадиќ назад во Белград!“

Репрезентацијата на Србија имаше лошо деби на европските првенства како самостојна држава со оглед што испадна уште по групната фаза на континенталниот собир во Германија, прикажувајќи лоши игри, но и ужасна атмосфера во тимот за која најголем виновник беше ветеранот Душан Тадиќ.

Капитенот имаше провокативна изјава по поразот на Србија од Англија (0-1) на стартот на ЕП во која го нападна селекторот Драган Стојковиќ за тоа што почнал како резерва, но и дека е најдобар и најподготвен во редовите на „орлите“. Иако еден ден подоцна тој наводно им се извинил на соиграчите и на популарниот Пикси, штетата веќе беше направена. Еден од тие што ја коментираа изјавата на Тадиќ е и некогашниот соиграч на Стојковиќ во дресот на Црвена Звезда, Дејан Савиќевиќ, кој сега е претседател на Фудбалскиот сојуз на Црна Гора.

„Му реков на Пикси уште по нашиот меѓусебен меч во Подгорица дека треба да размисли да му се заблагодари на Тадиќ и да најде друго решение, бидејќи беше најлош на теренот“, изјави Савиќевиќ.

Поранешниот ас на Црвена звезда и Милан, кој во текот на кариерата беше познат и по темпераментот, смета дека слично ќе реагирал како и Тадиќ, но на 25 години, а не на залезот на кариерата.

„Гледајќи го на ова ЕП, не знам зошто Тадиќ се налути ако Пикси му кажал дека ќе го стави да го почне вториот дуел, за кој му треба да е свеж. На 36 години да кажеш дека си најподготвен, малку е дегутантно. На 35 години ја завршив кариерата и знам како бев тогаш. Вакво нешто би кажал на 25 години, но на возраст на која е Тадиќ би молчел и би бил среќен само што сум дел од репрезентацијата. Пикси згреши што не му се заблагодари пред ова ЕП. Ги собори сите оние рекорди што ги бркаше, што требаше да ги сруши. Мислам дека требаше да му се заблагодари пред ЕП, а кога веќе го зеде требаше да го врати во Белград по изјавата, барем јас така би направил без размислување“, дополни предводникот на црногорскиот фудбал.