По 26 години, Барса повторно ќе има Бразилец како класична „деветка“
Неговото деби се очекува на стартот од 2024 година, а со оглед на тоа што се работи за тинејџер, очекувањата од него во иднина се големи. Роке требаше да дојде во Барса идното лето, но недостатокот од квалитетни решенија во нападот и пред се кризата во која се најде Роберт Левандовски го забрзаа процесот на негова преселба во Каталонија.
Со неговото доаѓање, Барселона по 26 години ќе добие Бразилец како класичен напаѓач. Последниот беше Сони Андерсон, голгетер што ја засили екипата во 1997 година и требаше да биде замена за неговиот сонародник Роналдо да Лима кој по само една сезона во тимот, се пресели во Интер. Андерсон дојде од Лион, две години го носеше дресот на Барса и постигна 21 гол, далеку од ефектот на Роналдо кој во само една натпреварувачка кампања, на 49 настапи дојде до 47 гола, сметајќи ги сите натпреварувања.
Оттогаш Барселона имаше неколку Бразилци кои играа во нападот, но ниеден од нив не беше класична „деветка“. Последниот е Малком кој дојде од Бордо за 41 милион евра, но тој играше и како крило.