Хрватска го доби балканското дерби против Црна Гора

Хрватските ракометарки триумфираа со 26-25 во големото дерби против Црна Гора во главната фаза на Светското првенство (СП).

Црна Гора се мачеше на почетокот на натпреварот, а тоа го искористи Хрватска да поведе со 4-1. Хрватските ракометарки го чуваа водството до самата завршница на првите 30 минути, кога Црна Гора израмни на 13-13.

Хрватска го отвори подобро и вториот дел, и тоа со серија од 5-0 (19-14) со која ѝ избега на Црна Гора. Сепак, мечот беше далеку од решен бидејќи Црногорките притиснаа во завршницата и неколку пати намалија на еден гол негатива, но не успеаа да се спасат од пораз (25-26).

Грбиќ беше најефикасна кај Црна Гора со пет голови, додека Блажевиќ блесна со шест погодоци во триумфот на Хрватска.

Србија имаше предност од 13-10 на полувреме против Полска, меѓутоа следеше голем пад во вториот дел и тоа го искористи нивниот ривал за да слави со 22-21.

Радосављевиќ со шест погодоци беше најдобра кај Србија, додека шест гола за Полска постигна Кочаниак.