Грчкиот џин кој сакаше да го убие Антиќ заврши во болница – му откажува бубрегот!

Поранешниот кошаркар на Панатинаикос, Макаби Тел Авив и Црвена звезда, Софокле Скорцанитис, завчера вечер бил примен во болница во Грција и тоа во не баш најдобра состојба, пренесуваат грчките медиуми.

Тој имал повишен крвен притисок, како и гадење поради што морал итно да биде хоспитализиран. Неофицијално, причина за неговите проблеми е фактот што му откажал еден бубрег. Следните денови ќе му бидат извршени детални испитувања за да се знае со сигурност за што се работи.

Скорцанитис во македонската јавност е познат и по заканите со убиство на сегашниот претседател на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ), Перо Антиќ, во периодот кога играа за Панатинаикос односно за Олимпијакос. Овој инцидент се случи во 2013 година, кога по едно од многуте атински дерби-пресметки грчкиот џин „мртов ладен“ по мечот изјави „Кажете му на Антиќ дека е мртов човек. Ќе го убијам!“.

Реакцијата на поранешниот македонски репрезентативец и троен европски шампион беше ептен шмекерска: „Добар дечко е дебелкото, сѐ му простувам. Нема потреба од возбуда поради неговите зборови“, изјави тогаш Антиќ.