Пелистер 2 го донесе македонскиот МВП од СП за млади ракометари!

Пелистер 2 се засили со Мирче Калајџиески, македонскиот младински репрезентативец до 19 години, кој се истакна на штотуку завршеното Светско првенство во Хрватска.

Се работи за 19-годишен среден бек, роден во Струга, кој во Еурофарм Пелистер 2 доаѓа од словенечкиот клуб Слован Гросист. Тој беше значаен играч на македонската репрезентација и на ЕХФ-шампионатот во Летонија, кој го освоивме, но на Мундијалот во Хрватска покажа дека има огромен напредок во својата игра. На два од седумте меча беше прогласен за МВП, а на последниот, со Чешка постигна 12 гола.

Калајџиески потпишал четиригодишен договор со Пелистер 2, кој составува млад тим, со амбиции да влезе во подобрата осумка од македонското првенство. Пред Калајџиески, вториот тим од Битола се засили со Маркоски, Трпчевски, Младенов и со Хоџиќ.