„ПСЖ без повредениот Нејмар има поголеми шанси да го елиминира Баерн Минхен!“

Додека многумина сметаат дека ПСЖ ќе има големи проблеми поради (по)тешката повреда на Нејмар поради која нема да игра до крајот на сезоната, француската фудбалска легенда, Бишенте Лизаразу смета дека тоа е благослов за „светците“.

Поранешниот лев бек на „триколорите“ е уверен дека отсуството на Бразилецот ќе биде предност за францускиот шампион во пресрет на реванш-дуелот со Баерн Минхен во осминафиналето од Лигата на шампионите (ЛШ).

„Кога Меси, Мбапе и Нејмар играат заедно, многу пати не се враќаат во одбрана. Ова ги ослабува дефанзивните механизми, па остатокот од тимот треба да трча многу повеќе. Само со Меси и Мбапе против Баерн, ПСЖ ќе биде поизбалансиран како тим, а играчите од средниот ред ќе работат помалку од вообичаено за да ја вратат топката. Целиот тим ќе биде посвеж“, анализира француската легенда.

Лизаразу со Франција беше светски првак во 1998 година и европски првак во 2000 година, а со Баерн Минехн, за кој настапуваше помеѓу 1997 и 2006 година, освои шест титули во Бундеслигата и трофејот во ЛШ во 2001 година.