Ќе ги „испрашува“ Словачка: Кошаркарите ја бркаат последната „петка“ за успешна - полуматура!

Кошаркарските репрезентативци на Македонија вечерва, во салата „Јане Сандански“, ќе ја пречекаат селекцијата на Словачка (20.15 часот) во меч во кој со евентуална победа и официјално ќе го потврдат првото место во групата, а со тоа и пласманот во следната фаза од претквалификациите за ЕП 2021.

Ова, всушност ќе биде полуматурски тест за избраниците на селекторот Јорданчо Давитков, со оглед што е шанса да се мине најниското можно натпреварување под капата на ФИБА. Пресметката со Словаците, кои веќе го совладавме на нивното буниште, е своевиден „јунски обид“ да се заврши овој сегмент од „образованието“, за што може да имаат и поправен „августовски обид“ за полуматурирање и тоа на гостувањето кај Швајцарија на почетокот од јули.

Победите во првите две средби им даваат право на жолто-црвените веќе да почнат да размисмислуваат за втората претквалификациска рунда каде што во периодот септември 2018-јуни 2019 би можеле на „матурираат“ и конечно да ја вратат Македонија во игра за пласман на едно ЕП. Но, сето ова засега е премногу далеку за репрезентативците, кои вечерва првпат играат во комплетен состав, барем според замислите на кормиларот од клупата. Бојан Трајковски и Александар Костовски се враќаат во националниот тим по повредите, што ќе донесе уште поголем квалитет во однос на дуелите лани во ноември кога ги преслушавме Словачка на гости и Швајцарија дома.

Кошаркарите се свесни дека со лошите резултати во последниве години, а особено со дебаклот против Косово минатото лето, ги „избркаа“ гледачите од трибините, но и покрај тоа бараат поддршка од навивачите, која и тоа како ќе им биде потребна против противникот кој е сѐ само не наивен. Влезот за вечерашниот дуел е бесплатен, што би требало да биде дополнителен мотив за спортски вљубеници да дојдат во „Јане Сандански“ им да им помогнат на пулените на Давитков да ја продолжат серијата победи.

Селекторот деновиве беше на слатки маки со оглед што сите 16 кошаркари беа максимално подготвени за тренинг, а дури во последен момент реши натпреварот против словачката селекција надвор од тимот што ќе настапи да бидат Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Адем Мекиќ како и повредениот Ненад Димитријевиќ.