Јуниорската репрезентација на Македонија го освои 18. место на Европското првенство (ЕП), дивизија Б, во Скопје (вкупно 34. ако се смета и елитната конкуренција), откако во денешниот последен меч загуби од селекцијата на Швајцарија (64-65).

Минималниот пораз не ја дава вистинската слика на тоа што денеска се случуваше во салата „Борис Трајковски“, со оглед што противникот почна со неверојатни 16-0, а по првата четвртина бевме во негатива од 6-20. Згора на тоа, во следниот период останавме без капитенот и еден од најдобрите, Лука Стојановски, кој набрзина направи пет лични грешки )една од нив техничка), што дополнителни ни ја отежна работата.

Швајцарците во последната четвртина влегоа со плус 15 (54-39) што како да ги опушти, па жолто-црвените со брза и агресивна игра на момент дојдоа и до водство (59-58). Но, во финишот одново одигравме лошо што противникот го искористи повторно да дојде во водство. На три секунди имавме шанса да изедначиме, но Дамјан Муса промаши едно од двете слободни фрлања што беше крај на сите надежи за трет триумф во низа.

Валмир Какруки со 16 поени и десет скока беше најдобар во нашиот состав, а двоцифрен беше уште и Миса со 14 поени.

Македонските кошаркари до 18-годишна возраст првенството го завршија со три победи и пет порази иако пред почетокот беше најавувана дури и борба за влез во дивизијата А.