Антиќ пак ќе „војува“ против селекторот кој го отстрани од репрезентацијата?!

Македонскиот интернационалец во дресот на Црвена звезда, Перо Антиќ, внимателно ја следи полуфиналната плејоф-серија од српското првенство помеѓу ФМП и Борац Чачак не толку поради желбата да се дознае ривалот за титулата туку да види дали против себе ќе го има поранешниот селектор кој пред 11 години, барем на извесен период, го отстрани од подготовките на селекцијата на Македонија.

Станува збор за Јовица Арсиќ, некогашниот предвидник на жолто-црвената чета, кој пред нешто помалку од 11 години реши да не смета повеќе на тогаш бунтовниот Антиќ поради физичкиот напад на репрезентативниот соиграч Синиша Аврамовски. Инцидентот се случи за време на престојот во Чешка каде што македонската репрезентација играше пријателски средби пред настапот на дополнителните квалификации за ЕП 2007 во Шпанија. Сега искусниот крилен центар тогаш го нокаутира Аврамовски по што беше избришан од списокот на Арсиќ, каде што се врати нешто подоцна на инсистирање на тогашниот капитен, Врбица Стефанов и на останатите членови на националниот тим. Антиќ им се извини на сите поради што избегна подолга суспензија со оглед што веќе му беше поднесена пријава до Дисциплинската комисија на МКФ.

Македонија тогаш не успеа да се пласира на континенталниот собир откако загуби од Израел на квалификацискиот турнир на Менорка, но Арсиќ успеа да го направи тоа две години подоцна кога успешно ги мина квалификациите, а потоа ги однесе жолто-црвените во вториот круг на ЕП 2009 во Полска. Сега тој е тренер на чачански Борац, кој утре ќе ја одигра „мајсторката“ на гостински терен против ФМП. Победникот од овој дуел ќе ѝ се спротивстави на Ц. Звезда, која претходно, со 2-0 го елиминира Партизан.