„Македонецот Јакимовски е најдобриот дебитант во историјата по НБА-ѕвездата Клеј Томпсон!“

Еден од најталентираните македонски кошаркари во моментов и веќе сениорски репрезентативец, Андреј Јакимовски (19 год, 200 см), вчера првпат одржа тренинг со универзитетот Вашингтон стејт, тимот каде што се надева ќе мине четири години и каде што веднаш е претставен како – голема ѕвезда.

Според еден од најреномираните аналитичари кои пишуваат за интернет-страницата на НЦАА-лигата, Енди Витри, Македонецот заслужи место меѓу шестмината најдобри дебитанти во пресрет на новата сезона, што само по себе е големо признание. Тој за Јакимовски смета дека ќе биде еден од кошаркарите кои веднаш ќе може да направат разлика со појавата на паркетот и тоа во дресот на исклучително ценет кошаркарски универзитетски програм.

„Пред дури 12 години кога Вашингтон стејт привлече дебитант подобар од Јакимовски. Тоа беше во 2008 година, кога тренерот Тони Бенет го ангажира Клеј Томпсон, сега повеќкратен НБА-шампион. Македонецот летово ги одби Бостон колеџот, Дејвидсон, Џорџија тек и Минесота, за да дојде да игра за тренерот Кајл Смит, кој во својата смао втора сезона на клупата ќе го има вториот најголем талент во историјата на универзитетот“, пишува Витри.

Според аналитичарот, ангажманот на Јакимовски веќе почнал да му се исплати на Вашингтон стејт, кој преку ноќ добил нови навивачи во Македонија. За тоа сведочи и новиот Американец во македонската репрезентација, Џек Вајли.

„Македонците го сакаат Вашингтон стејт поради Јакимовски. Бидејќи и јас сум од државата Вашингтон, додека бев во Скопје често пати бев прашуван дали го познавам Келј Томпсон“, изјави Вајли.

Македонскиот репрезентативец дебито во новиот клуб би требало да го има кон крајот на ноември, кога треба да почне новата сезона во НЦАА, а речиси во истиот период кога жолто-црвената селекција ќе настапи на турнирот во Естонија во склоп на квалификациите за ЕП 2021.