Аргентина му се поклони на Меси - тој врати со два гола (ВИДЕО)

Најдобриот фудбалер во историјата Лионел Меси ноќеска за последен пат играше официјален натпревар за аргентинската репрезентација на домашен терен и на магичен начин се прости од своите фанови и навивачите на националниот тим.

На стадионот „Монументал“ во Буенос Аирес се собраа 85 илјади гледачи кои два часа му скандираа и пееја на својот миленик и му се поклонија за сето она што го направи во двете децении како репрезентативец. Некогашната суперѕвезда на Барселона не можеше да сокрие емоциите, колку и да се обидуваше се гледаше дека солзите навираат и дека не е имун на љубовта која ја добива од навивачите.

 

 

Меси најави репрезентативна пензија по Светското првенство идната година, а дотогаш ќе ги доврши квалификациите, со дуелот против Еквадор на 10 септември и со уште неколку пријателски натпревари кои ќе се играат надвор од Аргентина. Му претстои и Финалисима во март (дуел на шампионите на Европа и Јужна Америка) што ќе биде можност за нов трофеј и потоа настап на Мундијалот во САД, Мексико и Канада.

 

 

Ноќеска го одигра 194. натпревар во репрезентативниот дрес, нема сомнение дека ќе стигне и ќе надмине 200, а круната се очекува во јули 2026 година. Ќе остане запишано дека последниот натпревар за бодови на домашен терен го одиграл против Венецуела, Аргентина победи со 3-0, а два гола беа дело токму на Меси.

Првиот од нив и апсолутно најубав на мечот, во 39. минута по еден контранапад кога Алварез се ослободи од противничките играчи, го проигра фудбалерот на Интер Мајами, а овој во негов стил, ја „црпна“ топката и измами дури четворица репрезентативци на Венецуела. Другите два гола беа постигнати длабоко во второто полувреме. Прво Нико Гонзалес му асистираше на Лаутаро за 2-0, а Меси на додавање на Алмада го постави конечниот резултат во 80. минута. Со овие два гола, капитенот на аргентинската репрезентација стигна до бројката од осум и е најдобар стрелец во јужноамериканската зона во овие квалификации. По завршувањето на натпреварот и соиграчите му скандираа на Меси и му пееја навивачки песни.

Аргентина одамна го обезбеди првото место во јужноамериканските квалификации, во моментов има 38 бода, 10 повеќе од второпласираниот Бразил. Пласман на Мундијалот обезбедија уште Уругвај, Еквадор, Колумбија и Парагвај, а за местото во баражот ќе се борат Венецуела и Боливија во последното коло.

 

Standings provided by Sofascore