
Мбапе се пожали: Уморен сум, потребен ми е одмор
Поради Светското клупско првенство, голем дел од најдобрите светски фудбалери речиси немаа одмор годинава, шампионатот во САД траеше до средината на јули, а веќе во август почнаа подготовките за новата сезона. Слично ќе биде и во 2026 година кога се игра Светското првенство што значи дека во период од две години, играчите би имале само околу 15-20 слободни денови.
„Не знам дали сме подготвени да играме по 60 натпревари во сезона. Не сум видел фудбалер да игра на врвно ниво толку натпревари, мислам дека тоа е невозможно. Потребен ми е одмор, но тоа е дебата на двајца глуви. Некои ги почнаа подготовките за новата сезона додека ние игравме на Светското клупско првенство“, порача Мбапе.
Тој добро ја почна новата сезона во Реал, постигнувајќи два гола во првите три кола, а има шанса во квалификациите за Мундијалот да стане најдобар стрелец во историјата на француската репрезентација за што му требаат осум гола. „Триколорите“ се во група со Исланд, Украина и Азербејџан.