Два дена порано од предвиденото, поради одложената завршница од Купот на Македонија, кошаркарските репрезентативци денеска ги почнаа подготовките за претстојниот меч со Романија, в четврток во Плоешти, кој е клучен за пласман во квалификациите за ЕП 2021.

Неочекуваното поместување на стартот е причина што селекторот Јорданчо Давитков не беше присутен на првиот собир, но тој веќе на утрешниот утрински тренинг ќе биде на паркетот во обид да ја најде вистинската формула како да се дојде до посакуваната цел. За жолто-црвените ова е последен меч од претквалификациите во кое досега немаат пораз (две победи против Косово и една против Романците), во кој им одговара и пораз со не повеќе од 14 поени разлика. Ако евентуално се случи најлошото, па во Плоешти загубиме поубедливо од потребното, тогаш на Романија ќе ѝ биде потребен триумф и на гостувањето кај Косово (24 февруари) за да нѐ тргне од првото место.

Покрај Давитков, воведната средба ја пропуштија и двајца интернационалци, Стојан Ѓуроски кој игра во шпанскиот второлигаш Хуеска, кој вечерва пристигнува во Скопје и од утре ќе се вклучи на тренинзите и Ричард Хендрикс, кој доаѓа задутре. Александар Костоски најави отсуство, Андреј Маслинко откажа поради повреда, а Бојан Трајковски се појави, но не тренираше поради проблеми со коленото. Неговиот настап засега е под знак прашалник, но се очекува да стисне заби и да им помогне на своите соиграчи на овој исклучително важен натпревар.

Сето ова не им пречеше на тандемот помошници, Александар Јончевски и Љупчо Малинков, да ја одработат денешната тренажна обврска како своевидно загревање за ова вистинското кое следува до среда, кога се патува за Плоешти.

„Се наоѓаме на првата позиција, играме со Романија на гости, против која првиот натпревар го добивме 14 разлика и се наоѓаме во добра позиција да го продолжиме победничкиот дух. Посакуваме да влеземе во борба на ЕП. Мислам дека во Романија ќе одиграме на исто ниво како на првиот меч во Скопје. Го познаваме ривалот, има најава дека нема да има игра Кути, кој е еден од најдобрите нивни играчи. Но, ние се спремаме дека против нас ќе имаме комплетен ривал“, вели асистентот Малинков.

На првиот собир се појавија десетмина и тоа Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Дарко Соколов, Бобан Стајиќ, Андреј Магдевски, Димитар Караџовски, Марко Симоновски, Трајковски, Љубомир Младеновски и Бојан Крстевски.