КФМ: Зекири сака(л) да игра за Косово, ама - нема да му дозволиме!

Вторпат во само неколку месеци, челниците на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), првата средба со новинарите пред циклусот натпревари наместо за случувањата на теренот објаснуваат зошто одредени кошаркари не се појавиле на повикот на селекторот Драган Бајиќ.

Во августовските претквалификации тоа беше Ненад Димитријевиќ, а сега, пред пресметките со Шпанија и Украина на дебито во квалификации за Мундобаскет, тема за разговор беше Лејсон Зекири. Играчот на Приштина не се појави на првата прозивка во неделата, поради што генералниот секретар Влатко Георгиевски се обиде да ја објасни ситуацијата со поранешниот младински, јуниорски и кадетски репрезентативец на нашата земја.

„На првиот собир се појавија сите, но само Лејсон Зекири не дојде. Официјален контакт со него немаме, но неофицијално слушнавме дека сака(л) да игра за Косово. Ова е неофицијална информација бидејќи контактиравме само негови блиски, за да видиме каде е и што е. Ние немаме многу млади играчи, па да дозволуваме да играат за други држави. Засега, размислувањата ни се да не одобриме дозвола за настап за Косово, нормално ако дојде до тоа. Секако, тоа нема да застане тука. Но, политиката на ФИБА е малку ограничена и малку ѝ се врзани рацете на федерацијата. Ќе се потрудиме тоа да не застане така и да биде пример и за другите“, изјави Георгиевски.

Против Димитријевиќ за пропуштените августовски претквалификации не беше пријавен до ФИБА, ниту до Дисциплинската комисија на КФМ. Тој дуелите против Шпанија (в петок) и против Украина (29 ноември) ќе ги пропушти поради повреда.