Кејн „удри“ по Мбапе и Јамал: Головите зборуваат за мене - одиграв сезона на животот!

Фудбалерот на Баерн Минхен и англиски репрезентативец, Хари Кејн (33 години), бурно реагираше откако Килијан Мбапе и Ламин Јамал ги истакнаа сопствените кандидатури за освојување на „Златната топка“.

Ова признание во последните неколку години се доделува за учинокот во претходната сезона, што значи дека се вреднуваат настапите на фудбалерите во текот на натпреварувачката 2025/26, односно за периодот од летото 2025 година до крајот на Светското првенство во 2026 година. На прашањето дали смета дека заслужил да ја освои „Златната топка“, англискиот напаѓач даде краток и јасен одговор за шпанскиот весник „Марка“.

„Не сакам да зборувам за себе, тоа го прават 73-те гола кои ги постигнав во убедливо најдобрата сезона во мојот живот“, изјави Кејн.

Зад Кејн навистина е феноменална сезона. Тој го предводеше Баерн Минхен до двојната круна во Германија и до полуфиналето во Лигата на шампионите, забележувајќи неверојатни 61 погодок на 51 настап за германскиот гигант. Напаѓачот заврши како најдобар стрелец во Бундеслигата со 36 голови, како и во Купот на Германија со 10 погодоци. Во Лигата на шампионите постигна 14 голови, само еден помалку од најдобриот стрелец Килијан Мбапе. Одличната форма ја потврди и на Светското првенство каде со шест погодоци беше еден од најзаслужните за освоениот бронзен медал на репрезентацијата на Англија. Преостанатите шест голови од вкупниот биланс во минатата сезона ги постигна на пријателски натпревари во националниот дрес.