Дебакл против Црна Гора: Македонија „замрзна“ на минус 36 во Бар!

Кошаркарите на Македонија претрпеа катастрофален пораз во вечерашниот пријателски меч против Црна Гора (53-89) во Бар, прв во пресрет на двете августовски средби од претквалификациите за ЕП 2025.

Победникот беше решен уште во првата четвртина, која домаќинот ја доби со огромни 29-11. Оваа негатива ја задржавме до крајот на полувремето (27-45), но потоа следуваа 16 поени по ред на домаќинот на стартот на вториот дел, со што го навестија дебаклот на жолто-црвената чета.

Дамјан Робев со 10 поени беше најпрецизен кај македонската селекција, додека Владимир Михајловиќ со 15 поени и Бојан Дубљевиќ и Зоран Николиќ со по 13 поени беа најпрецизни кај Црногорците.

Ова воедно беше и прв меч на Александар Јончевски како селектор, кој сигурно нема да го памети по добро, со напомена дека на оваа средба не можеше да смета на Ненад Димитријевиќ и Кристијан Николов. Македонија претквалификацискиот циклус го отвора против Данска (25 август) на гости, а три дена подоцна ја пречекува Словачка в „Борис Трајковски“.