Давитков со дури седум нови кошаркари ќе проба од втора да ја освои Приштина!

Македонската кошаркарска репрезентација утревечер против Косово (20.30 часот) ќе го почне вториот циклус претквалификации за ЕП 2021 и тоа со целосно ремонтиран состав во однос на тој од пред една година кога загубивме во Приштина.

Селекторот Јорданчо Давитков во „Палатата за спорти и млади“ и истрча со дури деветмина нови кошаркари, со кои ќе проба да дојде до триумф во, според сите, најважниот дуел за нас во обидот да дојдеме до првото место во групата кое единствено води во квалификациите. Единствени кои беа во составот од пред 13 месеци се капитенот Војдан Стојановски, кој средбата ја заврши со 17 поени, Александар Костовски (четири поени), Стојан Ѓуроски (без поени), како и Љубомир Младеновски и Бобан Стајиќ кои воопшто не добија шанса.

Местото за натурализиран кошаркар во составот овој пат е наменето за Ричард Хендрикс, кој во последен момент ѝ се приклучи на репрезентацијата, и тоа на местото на неговиот сонародник Џордан Теодор, кој играше на претходното гостување во косовската престолнина. Тогаш во тимот беа Ѓорѓи Чековски, Диме Тасовски, Игор Пенов и Марјан Јаневски кои оттогаш не се повикани во националниот тим, како и Адем Мекиќ и Кирил Николовски кои овој пат не се најдоа на списокот патници за Приштина.

Враќањето на тогаш повредените Дамјан Стојановски и Бојан Трајковски и тоа како ќе му значи на селекторот Давитков, пред сѐ поради нивното големо искуство и секако квалитетот со кој располагаат. Андреј Магдевски, Димитар Караџовски и Дарко Соколов ја сочинуваат новата бековска тројка, додека Бојан Крстевски треба да донесе стабилност во играта под кошевите. Секако, овој пат се очекува шанса да покажат што знаат да добијат и Стајиќ и Младеновски, кои преседоа на клупата при претходното гостување во Косово.

Во Скопје покрај Мекиќ и Николовски останаа уште и Андреј Маслинко и Предраг Пајиќ, кои ќе ѝ се приклучат на репрезентацијата по нејзиното враќање и ќе тренираат со останатите во борба за место во составот кој в недела ќе ја пречека селекцијата на Романија. Средбата ќе се одигра во салата „Борис Трајковски“ со почеток во 18.15 часот.

Пласман во квалификациите за ЕП 2021 ќе обезбеди само најдобрата репрезентација во групата.

СОСТАВОТ НА МАКЕДОНИЈА: Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Андреј Магдевски, Димитар Караџовски, Бобан Стајиќ, Дарко Соколов, Александар Костовски, Ричард Хендрикс, Бојан Трајковски, Стојан Ѓуроски, Бојан Крстевски, Љубомир Младеновски.