Давитков се врати на Блискиот Исток – во својата Ал Кадсија!

Еден од најдобрите македонски тренери во последните две децении, Јорданчо Давитков, кој сигурно е еден од тие со најбогато интернационално искуство, сезоната ќе ја доврши на Блискиот Исток и тоа во добро позната средина – кувајтскиот тим Ал Кадсија.

Тој изминатиов период ја водеше екипата на Струмица, но имаше договор дека може да си замине во случај на понуда од странство, што и се случи. За Давитков ова ќе биде трет престој во тимот од Кувајт, каде што работеше во периодот од 2008 до 2011 односно 2017 до 2020 година. Македонецот со Ал Кадсија има освоено четири шампионски титули, два пехари во Купот на Кувајт како и еден трофеј во регионалното ГЦЦ-првенство на земјите кои гравитираат околу Персискиот залив.

Негова примарна задача до крајот на сезоната е да обезбеди пласман во финалето од плејофот и во Купот, како и да оствари што подобар пласман во завршницата од ГЦЦ-првенството. Тој во богатата интернационална кариера има работено уште и во Исланд, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Романија, а во Македонија седеше на клупата на Никол Ферт, Работнички, Поло Трејд, Балкан Стил, Неметали Огражден, како и на Струмица во два наврати.