Екипата на ТФТ доживеа уште еден убедлив пораз на АБА 2 турнирот во Широки Бријег откако вечерва загуби од фаворитот Војводина со 50-72.

Тимот од Нови Сад се соочи со здравствени проблеми пред овој меч бидејќи седуммина кошаркари во текот на вчерашниот ден завршија на инфузија поради труење со храна, но дури и во такви услови, ТФТ не успеа да пружи посериозен отпор. Првата четвртина мина во релативно израмнета игра, а во втората и третата заедно, македонскиот претставник постигна вкупно 15 поени. На крајот од третиот период Војводина имаше +27, па единствена дилема беше конечниот резултат.

За немоќта на ТФТ најдобро зборува фактот што Верц беше единствен со двоцифрен ефект со 10 поени, но нашиот тим ја загуби битката под кошевите (26 скока наспроти 46), и погоди само четири тројки од 26 шута.

Во последното коло ТФТ ќе се сретне со Шибенка во директен дуел за избегнување на последната позиција на табелата.