Радост во Аеродром: МЗТ со фанатична борбеност ѝ го зеде скалпот на Цедевита Олимпија (ФОТО)
Тимот од Аеродром одигра фанатично, борбено до максимум и буквално го оставија срцето на паркет, што беше пресудно да се победи тимот кој игра во Еврокупот и кој е еден од кандидатите за највисок пласман во регионалното натпреварување. Ова е трет триумф за македонскиот шампион во јадранската лига, со што колку-толку си ги зголеми шансите да остане во друштво на најдобрите клубови од регионот.
Домашните кошаркари силно и мотивирано го почнаа натпреварот, што им донесе стартни 8-2, а водството го одржуваа до средината на првиот период кога на семафорот стоеше 14-9 во корист на аеродромци. Тоа како да ги подразбуди гостите од Љубљана, кои заиграа подобро, почнаа да погодуваат па со серија 11-2 направија пресврт и поведоа со 20-16. Тоа, сепак, не ги откажа сино-белите, кои со тројка намалија на минус еден како увертира на феноменалната втора четвртина.
Првите седум минути од овој дел од мечот се можеби најдобрите за МЗТ Скопје сезонава во АБА-лигата. Одбраната беше гранитна, а нападот разноврсен, па противникот не знаеше од каде доаѓа опасноста. Тоа резултира со старт 18-2 и убедливо водство со 37-23, кое даде надеж ако ништо друго барем за рамноправен дуел со големиот фаворит до крајот на натпреварот. „Змајчеки“ во финишот се опоравија од шокот, па со серија 12-4 до крајот на периодот успеаја да ја намалат негативата, односно да му дозволат на домаќинот на одмор да замине со „само“ плус шест (41-35).
Третата четвртина повторно донесе голема борба, во која „металците“ не попуштија пред силниот противник, одржувајќи ја предноста се до последната минута, кога словенечкиот тим изедначи на 52-52. Но и тоа не ги исплаши мотивираните вечерва кошаркари од „Јане Сандански“, кои вратија со седум поени во низа и најавија пеколен финиш. Аеродромци ја одржуваа оваа тешко стекната предност до 200 секунди пред крајот, кога составот од Љубљана повторно изедначи на 64-64. Но, ниту тоа не ги исплаши избраниците на тренерот Драган Николиќ без разлика што играа против далеку поквалитетен противник на хартија. Вратија со серија 10-2 и поведоаа со 74-66 на нецела минута до крајот, најавувајќи дека имаат сили за сензација. Тоа и им успеа, издржувајќи во пенал-завршницата во која беа прецизни од линијата за слободни фрлања.
Јунак на вечерта беше Деандре Кук, кој во речиси првиот вистински меч во сино-белиот дрес одигра фантастично завршувајќи ја средбата со 26 поени. Ништо помали не се заслугите ниту на Војдан Стојановски, кој имаше 18 поени со шест скока, додека двоцифрен беше и Мајк Кафи со 12 поени.
Следен јадрански предизвик за МЗТ Скопје е тимот на Морнар, на кој ќе му гостува следниот петок.