Кошаркарите на МЗТ Скопје останаа без можност да се најдат на првите две места на крајот од регуларниот дел од сезоната, откако попладнево, по голема борба и дополнителни пет минути, загубија во пресметката со Златибор (85-90), директниот конкурент за самиот врв од табелата во АБА2.

Аеродромци долго ќе жалат за пропуштената шанса со оглед што го имаа водството во поголемиот дел од средбата, во неколку наврати и со двоцифрена позитива. „Металците“ во третиот период имаа и плус 13 (54-41), но и тоа не беше доволно да дојдат до петтиот триумф по ред во регионалното натпреварување. Српскиот тим во последниот дел направија серија 14-3 за целосен резултатски пресврт (65-63), што потоа резултира со нерешен резултат на крајот од регуларниот дел со тројката на Дамјан Стојановски на 15 секунди до крајот за 72-72.

Македонскиот репрезентативец при овој шут се повреди и не можеше да помогне во дополнителните пет минути, а тренерот Васко Атанасов не можеше да смета ниту на Војдан Стојановски, кој направи пет лични грешки на речиси пет минути пред крајот на „првите“ 40 минути. Златибор во продолжението погоди неколку тешки тројки, кои им ја донесоа посакуваната победа.

Американецот Џон Гилон со 25 поени, девет асистенции и пет скока беше најдобар кај МЗТ Скопје, додека зад него беше Харис Делалиќ со 21 поен и девет скока. Македонскиот шампион сега има скор 8-4, па сега најмногу што може е да дојде до третата позиција пред плејофот. Сино-белите последниот дуел ќе го одиграат задутре (недела) против организаторот на турнирот, Широки (18 часот).