МЗТ со фантастична трета четвртина до трета победа во АБА2 (ФОТО)
Аеродромци ја имаа контролата врз играта и резултатот во сите 40 минути, а клучната предност ја обезбедија во третиот период, кој го добија со 30-17. Клучна за триумфот беше неверојатната серија 16-0 со која македонскиот шампион дојде до највисоките на мечот плус 19 (47-28). Противникот со десет поени во низа во последниот период намали на само минус четири (61-65), но потоа сино-белите во еден напад направија три офанзивни скока со што го намалија времето на Босанците за евентуален резултатски пресврт. Точка на мечот стави Војдан Стојановски со две прецизно изведени слободни фрлања, од каде што „металците“ претходно промашија дури осум пати.
В. Стојановски одново беше најпрецизен кај МЗТ Скопје со 15 поени и пет асистенции, додека веднаш зад него беа Душан Танасковиќ со 14 поени и пет скока, Дамјан Стојановски со 11 поени и седум скока и Ејасу Ворку со 10 поени и 10 скока. Шешлија со 15 поени и осум скока беше најдобар кај тимот од Бања Лука.
Составот од Аеродром сега има скор 3-2 во пресрет на третиот турнир следниот месец во Шибеник. Останатите македонски тимови во АБА2 своите последни мечеви на Златибор ќе ги одиграат утре и тоа ТФТ против Хелиос (15 часот) односно Пелистер против Златибор (18 часот).