Мајката на Дражен Петровиќ: Лука Дончиќ ме потсеќа на мојот син!

Настапот на 18-годишниот Лука Дончиќ на Европското првенство во кошарка инмпресионираше до тој степен што многумина го споредија со легендата на хрватската и на југословенската кошарка, Дражен Петровиќ. 

Го споредија не обичниот народ, ами многу стручњаци и имиња кои значеле нешто во кошарката. Сепак, ако некој значи кога е во прашање оваа споредба, тоа е мајката на Дражен, Бисерка Петровиќ. Често се појавуваше по медиумите во последниов период, а сега за словенечки „Сиол“ зборуваше за младиот Дончиќ. На прашањето дали се согласува што многумина го споредија со син ѝ, таа се согласи.

„Да и јас го доживеав на тој начин. Го следам Лука уште во Реал Мадрид и видов дека ѕвездата се раѓа. Толку е млад, а толку зрело игра и сето тоа ме потсеќа на мојот Дражен. Среќна сум што тоа повторно се случува на овие простори“, вели Бисерка.

И таа и новинарот си спомнаа како Дражен зборуваше дека најубавата кошарка доаѓа од просторите на поранешна Југославија.

„Така е, Дражен постојано тоа го зборуваше. Велеше, ако направиме екипа од нашите простори ниедна НБА-екипа не би не победила. Тоа беше негова задача, да презентира дека врвната кошарка најмногу се игра на Балканот“, додаде мајката на Дражен.

Видеото со изјавата можете да го погледнете на овој линк.