Лоша вест од Белград: АБА ја „избрка“ Македонија од Првата лига!

Македонската кошарка останува без претставник во најсилното натпреварување на просторот на поранешна СФР Југославија, а МЗТ Скопје следната сезона ќе може да се пријави само за настап во АБА 2-лигата, заедно со уште еден тим од нашата земја.

Ова е најважната одлука донесена на денешниот состанок на Собранието на клубовите во Белград, на кое не дојде до очекуваното проширување на АБА, кое, пак, беше единствениот начин „металците“ да го продолжат настапот во јадранската елита. Освен потврдата на испаѓањето на македонскиот шампион, на овој собир беше решено во иднина воопшто да нема претставник од Македонија во АБА1, туку нашите тимови а да се најдат во друштвото на Црвена звезда, Партизан, Цедевита, Будуќност... ќе мора да имаат добар настап во второлигашката конкуренција.

МЗТ Скопје, кој сезонава оствари само три победи, се надеваше на зголемување на бројката на учесници во АБА од 12 на 14, што ќе значеше и избегнување на најлошото. Ова беше сосема реална опција до денеска, но во последен момент најголем дел од клубовите го смениле мислењето и решиле да не се менува ништо во овој дел. Главна причина за тоа, наводно, биле парите односно зголемената финансиска конструкција за која се немало покритие со моменталните спонзорски договори како и немањето термини за дополнителните средби.

Главна цел на „јадранците“ е Првата лига да биде натпреварување во кое ќе доминира квалитетот и во кое во иднина ќе нема национален клуч, освен дека од една земја најмногу може да има пет екипи. АБА 2-лигата, пак, ќе биде развојно првенство во кое секоја од земјите ќе може да пријави по два претставника.